Откажан е концертот на руски романси, закажан за вечерва во Национална опера и балет (НОБ) „поради ситуацијата“, потврдија од НОБ за порталот  САКАМДАКАЖАМ.МК.

-На концертот со руски романси требаше да настапат студенти од Факултетот за музичка уметност, а со години традиционално го организира Елена Сиљаноска од Здружението на руски сонародници ‘Чајка’ која е и вработена кај нас како корепетитор. Поради ситуацијата, со неа одлучивме да го откажеме концертот, изјави генералниот директор на НОБ, Васко Ристов за СДК.

Концертот на руски романси во Национална опера и балет е дел од активностите на Здружение на руски сонародници „Чајка“, кое веќе 8 години учествува во меѓународниот проект „Романсиада“ (Русија) и праќа млади македонски пејачи на натпреварот во Москва.

Автор на концептот, музички соработник и наратор (водител) е м-р Елена Сиљаноска, корепетитор во НОБ. Учесници се студенти од Музичките академии во Скопје и Штип, млади оперски пејачи.

Министерството за култура попладнето соопшти дека во договор со организаторот се одложува концертот на руски романси, најавен за вечерва во фоајето на НОБ.

-Последните вести од Украина го загрижуваат целото човештво. За никого ова не е време за романси. И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана. Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана, соопшти Министерството за култура.

Претходно, вчера новинарот и главен и одговорен уредник на Радио Лидер Љупчо Златев, излезе со свој став во врска со настанот на руските романси, ставот можете да го прочитате тука. 

По ова, настанот е откажан, кој беше закажан за вечерва во Национална опера и балет (НОБ).