Најмалку шест месеци до една година ќе бидат потребни за спроведување на законските измени кои ќе им овозможат на полициските службеници при легитимирањето на граѓаните да ги прифатат дигиталните документи, како што се личната карта и возачката дозвола. Овој процес опфаќа сеопфатна институционална подготовка и техничко приспособување на терен.
Како што изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, моментно се работи на мапирање на членовите и конкретните закони кои треба да се сменат. Истовремено, МВР работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, со цел полицајците да можат непречено да ја вршат својата работа при контролите.
„Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронски документи, член 20 г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација почнуваат промени во сите други институции. Ние веќе променивме 140 закони што се однесуваат на прифаќањето на електронски документи кои бараат фотокопипи од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и на ова“, рече Андоновски.
Министерот за дигитална трансформација појасни дека ресорното Министерство за внатрешни работи претставува клучен партнер во целиот овој потфат уште од самиот почеток на реализацијата.
„Министерството учествува зашто од него ги влечеме податоците за личната карта и возачката дозвола. Потребни се одредени измени во подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на изгледот и формата на личната карта и возачката дозвола и очекувам дека на таков начин, со промени и со технолошко зголемување на техничките можности, една по една институција ќе почнат да ги прифаќаат. Ова е пракса од цела Европа, на овој начин се развиваат дигиталните паричници. Така ќе биде и кај нас. Веќе разговараме со претставници од банкарскиот сектор кои велат дека и во нивната регулатива имаат забелешки што им бараат да чуваат фотокопија од лична карта при секое ажурирање на податоците. Таквите процеси во секој поединечен закон ќе треба да ги менуваме, но ова е постапка што ја почнавме и ќе одиме само напред“, дециден е Андоновски.
Како компаративен пример од регионот и Европа, тој посочи дека Полска ја воведе оваа дигитална алатка во 2019 година, но дури во 2021 година нивната полиција официјално започна да прифаќа електронски документи издадени од Министерството за внатрешни работи.
„Оттука, очекувам дека нам ќе ни бидат потребни најмалку шест месеци до една година да ги завршиме неопходните измени, зашто во моментот работиме на мапирање – кои се тие членови и од кои конкретни закони што бараат промени. МВР, пак, работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, уреди за и припадниците на МВР да можат да си ја завршат својата работа. Ќе почнеме и од приватниот сектор, од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании,…, ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи“, заклучи Андоновски.
