Инвестиција од 30 милиони денари за побрз, побезбеден и покомфорен сообраќај во Југоисточна Македонија
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ја заврши реконструкцијата на магистралниот пат А4, кој ги поврзува Струмица и границата со Бугарија. Акцијата, со вкупна инвестиција од 30 милиони денари, опфати санација и надградба на три клучни делници, со цел подобрување на безбедноста и економскиот развој на регионот.
„Клуч за економски развој и подобрување на животниот стандард е обновена инфраструктура на регионалното поврзување, посебно на она кое води кон границите“, истакна Коце Трајановски на својот Фејсбук профил.
Санацијата опфати делови кај Робовска раскрсница, патот од село Секирник кон село Сушица и делницата низ Ново Село. Вкупната должина е околу два километри со ширина на коловозот до 6,5 метри. Обновени се 10.500 квадратни метри асфалтна површина, а во градежните активности беа употребени 2.000 тони нов асфалт.
„Со обновениот пат, очекуваме побрз, побезбеден и покомфорен сообраќај за сите учесници на патот, што ќе ја зголеми поврзаноста и економскиот потенцијал на регионот“, додаде Трајановски.
Изведувач на градежните активности беше Јавното претпријатие „Македонијапат“, кое ги заврши работите според планираните рокови и високи стандарди.