Почина актерот Кирил Поп-Христов – Кили
Македонскиот актер Кирил Поп-Христов – Кили почина вчера во Еквадор на 58-годишна возраст. Веста за неговата смрт за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди пријател на семејството.
Поп-Христов се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често престојуваше во Скопје, последната година и пол од животот ја поминал во оваа јужноамериканска држава.
Семејството ја соопштило веста
Информацијата за неговата смрт на браќата во Скопје им ја пренела сопругата на актерот, кореографката Гордана Деан Поп-Христова.
Таа ги известила најблиските членови на семејството за трагичната вест, со што јавноста дозна за смртта на актерот кој долги години беше дел од македонската театарска сцена.
Кариера во театарот и филмот
Кирил Поп-Христов – Кили е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година.
Од 1993 до 2014 година работеше во Македонскиот народен театар. Во текот на кариерата глумеше во филмовите „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“ и „Тетовирање“, како и во театарските претстави „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и други.
