Поранешниот пратеник и јавен работник Благојче Трпевски почина, а веста на социјалните мрежи ја соопшти поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој упати сочувство до неговото семејство и блиските.
Во својата објава, Ковачевски истакна дека Трпевски ќе биде запаметен како исклучително чесен, принципиелен и искрен човек, кој оставил значаен белег во јавниот живот.
„Денеска не напушти Благојче Трпевски кој ќе го паметиме како исклучително чесен, принципиелен и искрен човек. Беше вистински професионалец и поранешен пратеник во Собранието, човек кој неуморно работеше на реализацијата на патниот Коридор 8 и на развојот на државата. Неговата посветеност, човечност и борба за социјалдемократските вредности ќе останат трајно запаметени“, напиша Ковачевски.
Тој упати искрено сочувство до семејството и пријателите на Трпевски, посакувајќи му вечна слава.
Семејството на Трпевски пред неколку години ја доживеа и една од најголемите лични трагедии. Неговиот син Јовица Трпевски (25) беше меѓу 13-те жртви во тешката сообраќајна несреќа со автобусот на „Дурмо турс“, што се случи во февруари 2019 година на автопатот Скопје–Тетово, кога автобус со околу 50 патници излета од патот и се преврте.
