Сликарот Илија Пенушлиски почина на 79-годишна возраст, оставајќи силен печат во македонската уметност. Веста за неговата смрт ја соопшти неговиот син Илија Митрев Пенушлиски преку објава на социјалните мрежи.
„Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, објави Митрев Пенушлиски.
Илија Пенушлиски е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист роден во Солун, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешна министерка за надворешни работи и пратеничка од СДСМ, која почина во јули 2022 година.
Роден е во Скопје во 1947 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година, а во 1972/73 престојувал на постдипломски студии на институтот „Прат“ во Њујорк.
Во текот на кариерата реализирал бројни самостојни изложби во Македонија и во странство. Неговата последна изложба „Градот“, на која за првпат работеше со дигитална графика, беше поставена во 2018 година во галеријата „Акантус“ во Скопје.
Неговото творештво често беше инспирирано од урбаната динамика, архитектурата и современиот живот, изразено преку богата колористика и експресивен пристап.
