Од денеска почнува скрининг-тестирањето по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на ковид-19 има населението во земјава за да ѝ помогне на Комисијата за заразни болести и на државата во планирање на идните мерки. Тестирањето се планира да се прави на примерок од 1.000 испитаници во Скопје, но има можност да се прошири во целата земја за да се добијат пореални податоци за имунизацијата во овој момент.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски минатата недела информираше дека вакво тестирање било направено пред една година и тоа покажало дека околу 30 отсто од испитаниците биле серопозитивни, односно имале некаков имунитет, кој се должел исклучиво на прележаната болест.

Министерот за здравство Беким Сали најави серолошка анализа на целата територија на државата.

-Оваа анализа ќе ни покаже колку реално сме имунизирани. Имаме евиденција колку сме вакцинирани, колку имаат примено една доза на вакцина, две или три и типот на вакцини кмои се аплицирани. Но, знаејќи дека особено сојот омикрон минува со полесна клиничка форма, голем број од нашето население не отишле за ПЦР-тест или сами го прележале во домашни услови. И сакаме да имаме јасна слика колку од нашето население го минале ковидот и врз основа на овие резултати, ќе имаме една слика и мислам ќе излеземе пред јавноста да речеме дека според нашите бројки, евиденцијата која ја имаме, 41 процент се имунизирани со вакцина, но врз основа на истражувањето, можеби, сме 60 проценти имунизирани на природен начин, изјави министерот за здравство.

Вчера беа регистрирани нови 920 случаи на ковид-19 од 3.338 тестови, починаа 11 лица и оздравеа 1.190 пациенти. Евидентирани се 119 реинфекции.

Од вкупниот број на починати лица (n=11), шест лица се целосно вакцинирани, кај девет се регистрирани коморбидитети.

Досега во земјата се направени 1.846.264 милиони тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 287.016, бројот на оздравени пациенти е 267.134, на починати е 8.747, а активни случаи се 11.135.

Најмногу активни случаи во моментот има во Скопје – 6.314, следи Битола со 519, Куманово со 470, Кавадарци со 447, Тетово со 416, Прилеп со 362, Велес со 331, Охрид со 275, Струмица со 239, Гостивар со 234. Во другите градови има под 200 заразни. Најмалку активни случаи има во Дојран – само пет.