Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје вчера заврши вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура. Досега се вакцинирани близу 30 000 граѓани.
Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, од денеска ќе може да се вакцинираат граѓаните на возраст под 75 години, кои се пријавени преку сајтот „vakcinacija.mk“ или преку матичните лекари, и тие ќе добијат термини за вакцинирање во Скопје.
Тоа значи дека сите граѓани на возраст од 74 и 73 години кои се пријавиле во следниот период ќе бидат вакцинирани.
-Фреквенцијата на спроведување на вакцинирање е нешто зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1000 до 1500 вакцинирани и согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови, истакна вчера Филипче.
Како доаѓаат вакцините, така ќе се надополнуваат системите, посочи Филипче. Како што информира, од компанијата „Фајзер“ преку директен договор на 19 и 26 април треба да стигнат по 10.000 дози.
Исто така, се очекува и информација од Руската амбасада за дополнителни количини на вакцината „Спутник“, а до крајот на месецов би требало да пристигнат 76.000 дози на „Астра Зенека“.
Министерот најави дека се очекува од Кина да стигнат 200.000 вакцини, кои ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација, што веќе се спроведува ширум државата.
– Ќе работиме во овој период што е пред нас, очекувајќи ги кинеските вакцини што ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинација и места за масовна вакцинација во уште неколку градови по примерот на салата „Борис Трајковски“, а тоа ќе бидат градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, покривајќи соодветни региони околу овие здравствени домови што може овој процес да го изменаџираат со кадар, додаде Филипче.
Инаку, деновиве се бележи тренд на намалување на бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19.
-Бројот на новодијагностицирани е околу 1000, што потврдува дека епидемиолошката крива е во континуиран пад и тоа еден добар податок, смета министерот за здравство.
Сепак, тој посочи дека притисокот во болниците е се уште голем со оглед на тоа што се уште има голема бројка на дијагностицирани.
– Во сите јавно-здравствени установи согласно распоредите и прераспределбата на пациенти има слободни болнички кревети и во Скопје на Интерните клиники и во ковид – центарот во Заводот за рехаблитација во Козле, како и во другите градови. Се прави прераспределба на пациенти од другите градови ако треба. Во овој момент се преоптоварени болниците во Куманово и во Битола и тоа на дневно ниво го менаџираме, рече Филипче.
На инфективните оддели заклучно со вчерашниот ден има 1762 пациенти заболени од Ковид-19. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка. Во главниот град, пак, за 24 часа имаше 64 хоспитализирани, а вкупно се лекуваат 703 лица.
Во ковид центрите има околу 310 празни болнички кревети.
Што се однесува до тоа дали ќе има потреба од продолжување рестриктивните мерки по 20 април, министерот Филипче вчера потенцира дека тоа ќе зависи само од индикаторите. Доколку има потреба, ќе се продолжат.
-Продолжувањето на сегашните рестриктивните мерки по 20 април ќе зависи од индикаторите кои се следат при носењето на одлуките за нивно воведување. Ако има потреба – да, ќе ги продолжиме. Веројатно ќе разговараме викендов и на почетокот на идната недела и ќе ги следиме бројките и менаџирањето со болниците. Тоа беа критериумите врз кои одлучувавме и анлизиравме до сега, а така ќе биде и во текот на следната недела, посочи Филипче.
Рестриктивните мерки кои сега се во сила опфаќаат забрана за движење во периодот од 20 до 5 часот, а затворени се и сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 144.111. Оздравени се 119.683, а починати 4.322. Бројот на активни случаи изнесува 20.106. Досега во земјата се направени вкупно 677.988 тестирања на Ковид-19