Утрово во земјава бил регистриран земјотрес со послаб интензитет, соопшти телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Потресот бил почувствуан во 08:50 часот од населението на Гевгелија, Валандово, Богданци, Неготино, Кавадарци и околината.

-Епицентарот на земјотресот бил на 123 километри југоисточно од Скопје и потекнува од епицентралното подрачје Гевгелија – Гуменџа. Почувствуван е со Рихтерова локална магнитуда 3,1 и интензитет од три до четири степени според Европската макросеизмичка скала, велат од Сеизмолошката опсерваторија.