Бизнисменот Трифун Костовски, поранешен градоначалник на Скопје и поранешен мнозински акционер на Еуростандард банка, која е во стечај, се обрати како сведок на денешната собраниска надзорна расправа посветена на работењето на Алта Банка. Еуростандард банка, поранешна Македонска универзална банка, се наоѓа во стечајна постапка од август 2020 година, откако Народната банка донесе одлука за укинување на нејзината дозвола за работа.
Во својот исказ пред пратениците, Костовски сподели детали за случувањата од денот кога беше затворена неговата банка, посочувајќи на средба на неговото семејство со тогашната извршна власт.
„Имам информација дека дента, 12 август, кога е однесена банката во стечај, мојот син имал средба со тогашниот технички премиер Оливер Спасовски каде било разговарано да евентуално се запре било каков процес, бидејќи ние како акционери имаме голема желба банката да не оди во стечај“, рече Костовски.
Костовски во своето излагање изрази јасна поддршка за актуелните напори на институциите за стабилизирање на состојбите во банкарскиот сектор и зачувување на депозитите.
„Затоа ја поддржувам Владата што застанала, заедно Народна банка, да ја спаси Алта Банка и верувам дека ќе најде начин како да ја спаси и да ги заштити правните и физичките лица“, рече Костовски.
Истовремено, Костовски отвори прашање зошто истите законски механизми и можности за санација и стабилизација не беа применети и за Еуростандард банка пред четири години. Тој нагласи дека акционерите во тој период не се повлекле, уредно ги платиле сите изречени казни и внеле 13 милиони евра свеж капитал во институцијата на само шест месеци пред одземањето на работната дозвола.
За време на отворањето на стечајот на Еуростандард банка во јавноста беа пласирани бројни сомнежи и прашања поврзани со сомнителни кредитни пласмани кон компании блиски до тогашната власт предводена од СДСМ и поранешниот премиер Зоран Заев, а беше објавено и дека тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска си го повлекла сопствениот депозит непосредно пред официјалната одлука на централната банка.
