Најавувајќи три клучни мерки за младите на конференцијата на Унијата на млади сили, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како трета мерка најави 20 проценти поголеми услуги за студентите и младите, не само за студентскиот оброк, туку и за многу други поволности преку апликацијата М-услуги.
„Третата мерка, којашто во јавноста често е експлоатирана, а ја зборувавме со претставници на студентските организации во мојот кабинет е студентската картичка или студентскиот оброк. И тогаш, а и сега, сакам да кажам дека како професор, педагог и човек којшто секојдневно другарува и разговара, живее со млади луѓе, целта не може да ми биде ниту мене, ниту на моите соработници во Владата различна од тоа да бидеме пријатели и на студентите и на младите луѓе. За таа цел, разработуваме, заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, апликација преку М-услуги концептот, секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата М-услуги“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека тоа е систем што во моментот го немаат ниту студентите во Европската Унија, а ќе им биде овозможен на студентите во Македонија.
„И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги кои ќе ги користат до крајот на месецот, до почетокот на следниот месец“, додаде Мицкоски.
Во рамки на своето обраќање, Мицкоски ги сумираше трите проекти наменети за поддршка на младите, меѓу кои купување стан со најмалку 20 проценти попуст од пазарната цена, нула денари комуналии за изградба на семејна куќа за брачни двојки до 35 години обезбедени преку законски решенија, како и најмалку 20 проценти привилегии преку концептот М-услуги за студентската популација.
Тој оцени дека токму овие проекти ќе дадат одговор на најважните предизвици за егзистенцијата и решавањето на станбеното прашање, подвлекувајќи дека конкретните резултати се постигнуваат преку проекти и реални дела.
„Без подмладок, без млади луѓе нема иднина. Ниту политичка партија, ниту Македонија како држава. И цело време кога разговараме се обидуваме да креираме политика повеќе, мерка повеќе, за да можат младите да останат тука, а оние кои заминаа да ги вратиме назад. Тоа е за нас најголемиот проект – а тоа е Македонија земја на млади луѓе. Токму тоа е целта на овие мерки кои ќе се преточат во закони и за кои очекувам поддршка од сите пратеници во македонското собрание. Едно од најважните прашања за иднината на Македонија е токму ова за коешто зборував“, потенцира Мицкоски.
Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, според неговата оцена, претставува столб и расадник на кадри кои во иднина треба да ги предводат процесите во општеството.
„И затоа сакам да ви кажам нешто што го сметам за особено важно. Не дозволувајте неуспехот да ве поколеба. Тој може да биде лекција, но не мора да биде пресуда. Не дозволувајте критиката да ве обесхрабри, туку научете да разликувате критика од која можете да напредувате од критика што нема никаква конструктивна вредност. Не дозволувајте туѓите очекувања да бидат единственото мерило за вашиот успех. Поставувајте сопствени цели. Работете за нив. Бидете дисциплинирани и останете доследни на вредностите во кои верувате. И никогаш не заборавајте дека личниот успех добива уште поголема вредност кога создава можности и за другите“, рече Мицкоски.
Во пораката упатена кон подмладокот, тој подвлече дека не треба да се чекаат идеални околности за да се започнат значајни иницијативи, туку шансите треба да се градат преку континуиран труд.
„Не дозволувајте неуспехот да биде крај на вашите амбиции. Претворете го во искуство што ќе ве направи посилни. Не дозволувајте стравот да биде поголем од вашите соништа. И никогаш не дозволувајте рамнодушноста да ја замени надежта. Бидејќи секоја генерација добива една неповторлива можност да остави трага во времето. Секоја генерација добива свои предизвици, добива свои битки. И секоја генерација мора сама да одлучи какво наследство ќе остави“, рече Мицкоски.
На крајот, Мицкоски посочи дека заедничко наследство мора да бидат знаењето, чесната работа и новите можности што ќе создадат општество во кое младите цврсто веруваат во личната иднина.
„Затоа што иднината нема да ја создадат нашите изговори, нашите стравови, нашите сомнежи. Иднината ќе ја создадат нашите идеи, нашата работа, нашите дела! И запомнете, големината на една генерација не се мери според тоа колку лесно време наследила, туку според тоа колку подобро време оставила зад себе. Нека тоа биде нашата цел. Нека тоа биде нашата одговорност. Нека тоа биде нашето наследство. Затоа што иднината не започнува утре! Иднината започнува денес и таа иднина ја градиме сите заедно! Вашата генерација за нашата Македонија. Да живее УМС на ВМРО-ДПМНЕ! Да живее младоста! Да живее Македонија!“, заклучи Мицкоски.
