Бројот на заразени со вирусот на западнонилска треска во Грција значително се зголемил во изминатите недели. Од почетокот на годинава се регистрирани 157 случаи, а 13 лица починале, соопштија грчките здравствени власти.
Според податоците на грчкиот институт за јавно здравје ЕОДИ, бројот на пријавени случаи се зголемил речиси четири пати за само неколку недели. На крајот на јули биле евидентирани 42 случаи.
Најголем дел од заразените се регистрирани во пошироката област на Атина. Кај дел од пациентите болеста предизвикала тешки форми кои го зафаќаат централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис и други невролошки компликации.
Вирусот на западнонилска треска го пренесуваат комарци. Повеќето заразени лица немаат симптоми или развиваат само благи симптоми, додека потешките форми на болеста најчесто се појавуваат кај постари лица и кај луѓе со претходни здравствени проблеми.
Зголемување на бројот на инфекции е пријавено и во други делови од јужна Европа. Поради тоа, Светската здравствена организација повика на зголемена претпазливост.
Во Република Кипар денеска е потврден и првиот случај на вирусот на Западен Нил за оваа година. Станува збор за 70-годишен маж, кој е во тешка состојба и се лекува во Одделот за интензивна нега во општата болница во Никозија.
