Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи реагираше по објава на социјалните мрежи што укажувала на можност за самоубиство од малолетен корисник. Полицијата веднаш презела мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое било пронајдено за кратко време.
Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за неговото ментално здравје.
– Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал најави дека ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор.
