Посетата се случува во пресрет на јунскиот самит, во контекст на засилениот ангажман за официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ, како стратешка цел на земјата и императив за целиот регион.

На разговорот, како што соопшти МНР, во преден план беа актуелните теми поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија и притоа Османи ја истакна благодарноста на нашите граѓани за поддршката и помошта што Полска ни ја дава во процес на проширувањето на ЕУ. Беше истакнато дека остануваме посветени на доследна имплементација на реформската агенда, како и на активностите за унапредување на добрососедските односи, со посебен фокус врз Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка и отстранување на постоечките разлики.

– Продолжуваме да работиме со уште позасилено темпо на реформската агенда, ставајќи посебен акцент на реализацијата на акцискиот план за мулти-секторска соработка и надминување на постоечките разлики со нашите пријатели од Бугарија. Во овој контекст, искажувам благодарност традиционален повеќедецениски пристап и поддршка од Република Полска, како и на целата В4 група, која во континуитет даваше безусловна поткрепа на нашиот евроинтегративен пат. Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно, истакна Османи.

Министерот Рау ја реафирмираше цврстата поддршка на неговата земја за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни оваа година.

Посебен акцент во разговорот беше ставен на соработката во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со која Полска ќе претседава во текот на 2022 година. Оваа соработка, чија цел има промоција на вредностите врз кои почива Организацијата – демократијата, мирот и стабилноста преку изградба на довербата преку дијалог и транспарентност, добива на значење во контекст на претседателството на Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

За време на престојот во Варшава, шефот на дипломатијата, Османи оствари одделна средби и со претседателот на комисијата за надворешни и ЕУ работи во полскиот Сенат, Богдан Клих со кој дискутираше главно за претстојната европска агенда на Македонија.