Владата обезбедува бесплатен престој, нега и психолошка поддршка

Одморалиштето Пониква, сместено на Осоговските Планини, ќе добие нова намена – рехабилитациски центар за граѓаните кои беа повредени во трагичниот настан што го потресе Кочани. Владата на седницата од понеделник донесе одлука објектот со 27 соби и капацитет од 56 легла да биде ставен на располагање на Министерството за здравство. Ова ќе се користи во период од 10 јуни до 20 август.

Лекарски тим составен од медицински и психолошки експерти ќе се грижи за повредените, обезбедувајќи не само здравствена туку и емоционална и ментална поддршка.

  • „Нашата обврска како Влада е да понудиме и да обезбедиме целосна здравствена заштита. Граѓаните ќе имаат комплетна поддршка, без да платат ниту денар. Трошоците за сместување, храна и медицинска грижа ги преземаат Министерството за внатрешни работи и Владата“, соопштија од владината прес-служба.

Можност за продолжување на престојот, без политизација

Владата истакнува дека не постои рок ако стручните лица оценат дека има потреба од продолжување на престојот – ќе се донесе нова одлука и ќе се продолжат мерките.

  • „Нашата политика е да работиме одговорно и посветено. Фокусот ни се граѓаните и нивните потреби. Не дозволуваме трагедијата да биде злоупотребена за политички поени“, се наведува во официјалното соопштение.

Оваа мерка претставува еден од клучните чекори на институциите во санирање на последиците од трагедијата во Кочани. Ставен е фокус на хуманоста и солидарноста со настраданите.