Поројните дождови поплавија десетици илјади шатори во преполните кампови за раселени Палестинци низ Појасот Газа. Во изминатите 12 часа се поплавени најмалку 70.000 шатори и директно се погодени десетици илјади лица, соопштија локалните власти.
Според надлежните служби, надојдената вода однела голем број засолништа, а насекаде на теренот има натопени ќебиња и душеци. Регистрирани се информации за повредени лица, но за среќа нема загинати. Службата за цивилна заштита во Појасот Газа соопшти дека примила 1.500 повици за помош од раселени Палестинци, додека во невремето целосно се урнале и три претходно ненаселени куќи, каде што исто така нема настрадани граѓани.
Претставници на локалните власти и на цивилната заштита изјавија дека не успеале соодветно да се справат со невремето поради сериозен недостиг на гориво и уништена инфраструктура. Тие посочија дека израелските сили во текот на војната уништиле стотици возила, вклучувајќи булдожери и специјализирана опрема за испумпување вода.
Организацијата Хамас денеска упати обвинувања до Израел дека блокира и не дозволува внесување шатори, церади, монтажни контејнери за живеење и основни градежни материјали во Појасот Газа. Израелската служба КОГАТ, која е надлежна за цивилните прашања на палестинските територии, сè уште не одговори на обвинувањата, но претходно информираше дека преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст во енклавата влегле уште четири цистерни-камиони за испумпување вода, што се приклучуваат на претходно испорачаните осум возила.
Жителите во бегалските кампови самостојно се обидуваат да ги санираат оштетените шатори, додека дел од нив поставуваат вреќи со песок околу засолништата со цел да го запрат навлегувањето на водената стихија.
Воениот конфликт предизвика раселување на најголемиот дел од двомилионското население во Газа, при што огромен дел од територијата е претворен во рушевини, а граѓаните престојуваат во импровизирани кампови. Прекинот на огнот, кој претходно беше договорен со посредство на САД, предвидуваше почеток на обнова, но конкретен напредок нема поради непремостените разлики околу условите за разоружување на Хамас и повлекувањето на израелските воени сили, кои контролираат две третини од територијата.
Податоците на палестинските здравствени власти покажуваат дека од почетокот на израелската воена офанзива во Појасот Газа животот го загубиле повеќе од 74.000 луѓе. Операциите започнаа по нападот од 7 октомври 2023 година предводен од Хамас врз територијата на Израел, во кој беа убиени над 1.200 луѓе, а 251 лице беше земено како заложник.
