Поранешната претседателка и основач на зелената партија ДОМ Лилјана Поповска, која пред три години се повлече од политиката, не сака да ги коментира актуелните политички случувања во врска со колицијата на помалите политички партии во Владата, но сепак се сомнева дека на микро ниво ќе се спроведе Зелената агенда, на партијата која таа ја основала.
Лидер: Дали се сложувате или ја отфрлате констатацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека, помалите политички партии се само привезок на власта и ја поддржуваат КРИМИ Владата на СДСМ затоа што се УЦЕНЕТИ или КРИМИНАЛИЗИРАНИ?
Од собраниската говорница, при изборот на Владата, Александар Николоски истакна дека е фер јавноста да слушне која е причината поради која ДОМ ја поддржува Владата, затоа што звучи наивно образложението дека тоа се прави заради ветувањето за формирање на министерство за клима и енергетика.
-Не сакам да коментирам. Комплетно сум повлечена од политиката, фокусирана сум само на екологијата. За односот кон екологијата се виде уште од моментот кога ја сменија Ана Петровска од директорка на Инспекторатот за животна средина и кого ставија на нејзино место!? Да тргнеш човек кој толку посветено, чесно се бореше против загадувањето, одличен менаџер, цел живот екологист… оттаму се виде дека зеленото веќе ја изгуби својата боја! Што да речам понатаму.
Лидер: Сметате ли дека Зелената политика која ја градевте и за која се залагавте, ќе продолжи со изборот на новата Влада?
-Во моментов Зелената агенда е агенда на Европската Унија. Тоа веќе е и светска агенда. На климатските самити сите држави се договорени дека мора да водат зелена агенда и ниедна Влада не може да избега од елементи на зелената агенда. Но прашање е колку доследно на микро ниво таа се спроведува. Гледаме бетонизација на градовите, неносење на закон за индустриски емисии, правилник за горива, неопремени и неекипирани инспекторати за животна средина со еден инспектор за природа и дваца за води за цела Македонија и ред слични „ситници“ од кои ниеден екологист не може да е задоволен… вели Поповска за Лидер.