Односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави во изминатиот период се значително унапредени, а засилениот политички дијалог е проследен со поголема трговска размена, раст на извозот и разговори за нови инвестиции. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оцени дека партнерството со Вашингтон треба да продолжи да се преточува во конкретни економски придобивки за граѓаните и домашните компании.
Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, по работната посета на САД и учеството на Генералното собрание на Обединетите нации, Муцунски се осврна на политичките и економските односи со американската администрација.
Според него, билатералниот ангажман со САД е значително засилен, што може да се забележи и според интензитетот и според содржината на средбите на највисоко ниво. Разговорите биле водени со претставници на американската администрација и Конгресот, како и со претставници на финансиски организации од јавниот и приватниот сектор.
„Фактите говорат за себе. И интензитетот, и содржината, и пораките што се пренесуваат, кои обезбедуваат клучните инвестиции, како оние за кои зборуваме, да се насочат кон стратешките сектори“, истакна Муцунски.
Говорејќи за соработката со американскиот државен секретар Марко Рубио, министерот нагласи дека во изминатиот период била воспоставена интензивна комуникација и однос заснован врз доверба и реализација на заедничките приоритети.
„Стратешкиот однос со САД е еден од постулатите на нашата надворешна политика и моето очекување е дека интензитетот на таа соработка ќе продолжи“, порача Муцунски.
Посебно внимание во разговорот беше посветено на економската димензија на партнерството. Министерот посочи дека интензивниот политички дијалог со Вашингтон е придружен со зголемување на трговската размена и на македонскиот извоз на американскиот пазар.
Според Муцунски, соработката создава услови за зачувување на работните места, како и за зголемување на капацитетите и инвестициите во извозно ориентираните компании.
„Можеме да зборуваме за сериозен скок на трговската размена и зголемен извоз кон Соединетите Американски Држави. Бевме една од првите земји во Европа што имаше заедничка изјава со САД во делот на трговијата, што создаде услови не само за зголемена трговска размена, туку и за зачувување на работните места и за зголемување на капацитетите и инвестициите на извозно ориентираните компании“, нагласи министерот.
Муцунски информираше и за тековната соработка со Американската корпорација за финансирање на меѓународниот развој – DFC. Тој посочи дека се води интензивен дијалог за неколку потенцијални нови инвестиции што би добиле поддршка од американската страна.
Во тој контекст, министерот се осврна и на иницијативата „Trade Over Aid“, предводена од Соединетите Американски Држави, која е насочена кон реализација на стратешки инвестиции во земјите со кои Вашингтон соработува.
Муцунски ги коментираше и информациите што опозицијата ги пласирала во врска со учеството на државната делегација на Генералното собрание на Обединетите нации, оценувајќи ги како неточни. Тој ја отфрли информацијата дека премиерот Христијан Мицкоски и неговата сопруга не присуствувале на приемот организиран од американскиот претседател.
„Претседателот на Владата, премиерот Христијан Мицкоски, заедно со неговата сопруга, беа поканети и присуствуваа на приемот организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга Меланија“, истакна Муцунски.
Тој ги отфрли и тврдењата дека македонската државна делегација броела 50 лица. Според министерот, нејзиниот обем, бројност и формат не отстапувале од практиката применувана во претходните години.
Муцунски нагласи дека Генералното собрание на ОН е најголемиот годишен мултилатерален собир на кој Македонија, како членка на Обединетите нации, има активен ангажман.
Министерот порача дека фокусот останува врз натамошното продлабочување на стратешкото партнерство со САД и преточувањето на политичкиот дијалог во конкретни инвестиции, нови економски можности и резултати за граѓаните.
