Тешка сообраќајна несреќа во Србија однесе уште еден живот од спортската сцена

Тешка сообраќајна несреќа во Србија однесе уште еден живот од спортската сцена – во судир на патничко и товарно возило загина 47-годишната тенисерка Татјана Јечменица, позната во српската тениска јавност и како играч и како тренер.

Несреќата се случила околу 20:54 часот. Судирот бил силен, а џипот во кој се наоѓала тенисерката бил целосно смачкан. Противпожарни екипи од Кошутњак, Железник и Раковица пристигнале на местото во 21:16 часот, каде што во возилото пронашле две лица заробени.

Пожарникарите успеале да го извлечат нејзиниот сопруг, но Татјана Јечменица починала за време на спасувачката акција.

Српската јавност вчера беше потресена од веста за трагедијата. Нејзиниот сопруг по несреќата бил префрлен во болница во критична состојба. Тој се здобил со тешки повреди на градниот кош, а лекарите го ставиле во индуцирана кома додека се борат за неговиот живот.

Јечменица беше истакната фигура во српскиот тенис. Во текот на професионалната кариера настапуваше на сите четири Гренд слем турнири. Најдобриот резултат на овие натпреварувања го оствари во 1996 година, кога стигна до второто коло на Ролан Гарос.

Истата година го имаше и највисокиот пласман на светската ВТА-листа, кога беше рангирана на 72-то место во поединечна конкуренција и на 84-то место во двојки.

По завршувањето на натпреварувачката кариера, остана активна во тенисот. Во 2005 година беше селектор на тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора за Фед Купот, функција што ја извршуваше една година пред да поднесе оставка.

Подоцна работеше како тениски тренер и беше сопственик на тениското училиште „Јечменица“ во Нови Сад.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 192.RS (@192_rs)