Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен утре, 7 ноември, во центарот на Скопје поради одржувањето на ноќната трка „Центар најт ран“ (Centar Night Run). Сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици и булевари, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Спортско-рекреативната трка ќе почне во 17 часот, а учесниците ќе трчаат на патеки долги 5 и 21 километар.

Трасата почнува од улицата Орце Николов, кај зградата на Општина Центар и опфаќа делови од улицата Франклин Рузвелт, булеварот Илинден, булеварот Партизански одреди и булеварот Свети Климент Охридски.

Тркачите ќе се движат и по улиците Наум Наумовски Борче и Михаил Цоков, по што ќе се вратат на Орце Николов, каде што е предвидена целта.

На булеварот Свети Климент Охридски трката ќе се одвива по коловозната лента во насока север – југ, на делниците меѓу булеварите Партизански одреди и Илинден.

„Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници“, соопшти МВР.

Полицијата апелира до возачите и другите учесници во сообраќајот да ги следат упатствата на полициските службеници.