Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја посети границата меѓу Јужна и Северна Кореја. За време на обиколката, тој изрази јасна надеж дека двете земји еден ден повторно ќе се обединат, следејќи го историскиот пример на Германија.

Мерц директно посочи дека поделбата остава тешки последици врз народот, но потенцираше дека стремежот за заедништво останува присутен на полуостровот.

„Да се надеваме дека и Кореја еден ден ќе има можност да го обнови своето национално единство. Овде, на ова место, може да се види колку една земја страда поради поделбата и колку е силна желбата за обединување, барем во овој дел од Корејскиот Полуостров“, изјави Мерц.

Тој наведе дека за време на официјалните разговори во Сеул неколкупати бил прашан за германското искуство со повторното обединување. Притоа оцени дека токму посетата на самата гранична линија овозможува непосредно и автентично да се почувствуваат последиците од долготрајната поделба на една држава.

Корејскиот Полуостров останува поделен уште од времето на Корејската војна, која се водеше од 1950 до 1953 година. Меѓудржавната граница се протега во должина од околу 248 километри долж 38. паралела, а околу неа е воспоставена демилитаризирана зона со ширина од приближно два километра.

Во рамки на посетата, Мерц влезе и во една од препознатливите сини бараки, низ чија средина минува самата линија на разграничување меѓу двете Кореи.

Инаку, токму во Корејската демилитаризирана зона во 2018 година беа организирани директни разговори меѓу тогашниот јужнокорејски претседател Мун Џае-ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. На таа историска средба, за првпат еден севернокорејски лидер стапна директно на територијата на Јужна Кореја.