Последната одлука за паркингот кај Клинички ќе ја има Владата. Ваквите изјави следуваат од министерот за здравство, Арбен Таравари. Претходно, за истата тематика се огласи и премиерот Мицкоски. Нема одлука за избор на фирма која ќе гради катна гаража и ќе управува со паркингот во клинички центар, рече премиерот Мицкоски. Ваквата изјава следува откако во јавноста почнаа реакции за наводен договор и владина одлука.
(ВИДЕО) Премиерот изјави дека албанската фирма за паркингот во клиничкиот центар е измислица
Тендерот за катните гаражи помина сите процедури
Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека тендерот за изградба на катни гаражи и управување со паркингот во Клиничкиот центар ја помина целата процедура и досега не е утврдена никаква нерегуларност. Сепак, договорот со албанската компанија „Ѓока Констракшан“ сè уште не е потпишан.
Таравари: Одлуката ќе ја донесе Владата
„Сè уште не сме го потпишале договорот, бидејќи истиот треба да биде разгледан на владина седница. Владата ќе ги провери сите потребни документи и ќе донесе конечна одлука. Несомнено е дека Клиничкиот центар има итна потреба од паркинг, што побрзо се реши овој проблем, толку подобро. Но, за мене е важен и гласот на јавноста, искрено многу ми значи. Некои сега коментираат дека цената од 50 денари за паркинг е превисока, но во повеќето градови тоа е стандардна цена“, изјави Таравари.
СДСМ бара одговори за тендерот
Опозициската СДСМ и денеска побара објаснување зошто понудата на „Ѓока Констракшан“ веднаш не била отфрлена и дали при распишувањето на тендерот биле поставени критериуми што можела да ги исполни само оваа албанска компанија. Од партијата обвинија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и министерот Таравари прават „матни зделки“ и сега, по реакциите на јавноста, се обидуваат да го заташкаат случајот.
„Станува збор за договор според кој 99 отсто од профитот оди кај албанската фирма, додека само 1 отсто е предвиден за државата. Бараме итно јавно објавување на повикот од страна на Министерството за здравство, како и објавување на физибилити студијата врз основа на која беше распишан тендерот. Тоа е одговорност што Таравари и Мицкоски ја имаат кон граѓаните“, порачаа од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја манипулира јавноста
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со тврдење дека СДСМ е свесна дека договорот за паркингот сè уште не е потпишан и побараа да престанат со манипулации. Тие ги повикаа социјалдемократите да објаснат како потрошиле огромни суми на средства за организација на еднодневна екскурзија во Струмица.
„Наместо да ја манипулираат јавноста со непостоечки теми, ги повикуваме СДСМ прво да објаснат колку чинеше саботната прослава под превезот на 8 Март и од каде ги обезбедија финансиските средства за ангажирање на 60 автобуси и комбиња, кои патуваа празни кон Струмица“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако тендерот пропадне, нова постапка дури наредната година
Таравари се огласи за паркингот кај Клинички и предупреди за последиците. Според него ако овој тендер биде поништен, ќе биде потребно најмалку уште една година за распишување на нов повик. Тоа значи дека проблемите со паркингот во Клиничкиот центар ќе продолжат.
„Ако овој тендер не се реализира, тогаш ќе мора да чекаме уште една година за нова понуда, а тоа значи дека барем уште 12 месеци ќе се соочуваме со истите проблеми што ги имаме сега“, истакна министерот.