Шела Сион-Алтреаз дојде во родниот Штип од Израел каде живее, за се поклони пред споменикот на депортираните Евреи, нејзини сонародници и нејзини некогашни сограѓани. Сион-Алтреал е единствената жива Еврејка која сведочи за депортацијата на Евреите во Штип што ја спроведоа бугарските фашисти. Таа и нејзината сестра успеале да излезат од монополот во Скопје и да не заминат во логорот на смртта во Треблинка. Нејзините 88 години ниту за трошка не ги поматиле тажните и мрачни сеќавања на таа ноќ помеѓу 10 и 11 март 1943 година.
„Беше уште ноќе, мајка ми ме будеше. Не сакав да станам, беше прерано. Се облеков, излегов надвор, гледав, не разбирав што се случува, па имав само 7 години“, рече таа.
Шела денес живее во Израел, а нејзиното потесно семејство брои над 20 членови. Ниту еден од 541 штипски Евреин не го преживеа логорот во Треблинка.
Денес во Штип нема ниту едно еврејско семејство. Споменикот и еврејските гробишта трајно сведочат за некогашната еврејска заедница во Штип. Во нејзина чест штипјани го организираа маршот „Никогаш повеќе“.
„Тие што го сториле злосторството треба да ја сносат одговорноста. Историјата не може да ја променат. Фактите се јасни“, рече Пепо Леви од Еврејската заедница прашан за став во врска со официјалниот став на Софија по прашањето за депортацијата на македонските Евреи.