Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за телесна повреда во случај на семејно насилство. Според информациите, тој физички ја нападнал својата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Инцидентот се случил во дом на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје. По расправија, осомничениот почнал да ја удира жената со тупаници и шлаканици, нанесувајќи ѝ гребаници, отоци и хематоми на главата и телото.
Од Обвинителството наведуваат дека насилството се засилило кога жената почнала да бара помош. „Колку посилно викала оштетената со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, толку поагресивен станувал осомничениот, при што во еден момент ја притиснал со рацете за вратот со цел да ја замолчи“, соопштија од ОЈО Скопје.
Во обид да се спаси, жената го убедила напаѓачот да одат кај гинеколог на ЕХО-преглед. Додека се движеле со автомобил и застанале на семафор на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега од возилото и влегла во блиско кафуле, каде позајмила телефон и го пријавила случајот во полиција.
Јавниот обвинител предложил мерки на претпазливост до судијата на претходна постапка. Меѓу нив се обврска осомничениот да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и контакт со оштетената.
