Министерството за локална самоуправа денеска потпиша договори за кофинансирање на корисниците на седум проекти коишто беа избрани на првиот повик од меѓугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија во период од 2016 до 2020 година. Вкупната вредност на проектите е 1.236.00 евра.

– Задоволни сме што со оваа програма се опфатени различни области од аспект на поттикнување и поддршка на младите при вработувањето, намалување на социјалната исклученост, активирање на природните и културните потенцијали на регионите со цел развој на туризмот, од областа на соработка на бизниси, така што во овој дел можеме да истакнеме дека над 98 отсто е искористеност на оваа програма што е едно задоволително ниво, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Милевски најави дека во тек е и втор повик со Република Србија, во вредност од над милион евра, што повторно ќе бидат доделени на корисниците. Тој се надева дека ќе бидат избрани добри проекти со коишто ќе се подобрат некои од условите за живот на граѓаните и ќе се подобри соработката помеѓу општините, невладините организации и јавните претпријатија помеѓу двете држави.

На првиот јавен повик има исполнетост од 98 отсто на расположливите средства од ЕУ. Министерот додаде дека е потребно прецизните правила и процедури да бидат почитувани до крај. Во спротивно, се кратат средствата и од оние 85 проценти што ги обезбедува ЕУ, но и доследно на оние 15 отсто што ги обезбедува Министерството за локална самоуправа.

Сите заинтересирани субјекти од пограничниот регион може да аплицираат за финансиска поддршка за реализација на нови проекти во општините од регионот до 8 јуни оваа година. Апликантите треба да достават проекти и да придонесат за развојот на регионот.

– Договоривме најдоцна за една недела да почнат контролите на вашите проекти за да можеме да ги верифицираме првите ваши трошоци да можеме да ги исплатите првите средства во оваа програма и да го решиме проблемот со канцеларијата во Куманово којашто е отворена за вас. Се надевам дека и таа за месец дена ќе биде ставена во функција за да може да ги удоволи вашите потреби и барања, така што и оваа програма иако е последна ја воведуваме во тек што е можно подобро да се спремиме за новиот ИПА 3 програмски период каде што се надевам ќе имаме повеќе средства и многу добри и повеќе проекти, додаде министерот Милевски.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Зухди Енуз изјави дека, како дел од соработката со ЈКП „Комрад“ – Врање, ќе биде реализиран проектот „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина со намалување на ризиците од загадување преку ефикасно управување со отпадот“.

– Целта на овој проект е да се намали ризикот по здравјето на луѓето и негативното влијание врз животната средина заради неправилно постапување по отпадот да се врши едукација и унапредување на вештините на граѓаните во рамките на селекција и редовно управување со отпадот и намалување на местата за отпадоци или дивите депонии, зајакнување на капацитетите на комуналните претпријатија за редовно унапредување со отпад и ризици. Со проектот се опфатени три скопски општини, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, вели Енуз.

Тој појасни дека како дел од проектот ќе биде направена анализа на моменталната положба на дивите депонии во регионот вклучени во проектот, чистење на дивите депонии и сметиштата, обука на студенти и ученици и граѓани како целни групи вклучени во проектот, подигнување на еколошката свест кај децата за правилно управување со отпад, заштита на животната средина и зачувување на здравјето преку правилно постапување со отпадот.

Ќе бидат поставени специјални контејнери за отпад со капацитет од 1,1 кубни метри, 120 литри и десет литри, а ќе биде организирана и едукативна студиска посета на депонија РЦЕР Љубљана – Зеленград во Словенија поради размена на искуства.

Вкупниот буџет на проектот за ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје изнесува 76 илјади евра, од кои 15 отсто се кофинансирани од Министерството за локална самоуправа. Времетраењето на проектот е 18 месеци и истиот ќе биде спроведен во согласност со индикативниот план во рамките на проектот и во согласност со правилата на ЕУ, обезбедувајќи целосна транспарентност и отчетност за имплементираните активности.

Претседателката на Здружението за социјални иновации АРНО, Ирина Јаневска изјави дека работат на проект што ќе ги таргетира зелените бизниси и социјалните бизниси во регионот којшто ги опфаќа двете држави. АРНО е партнер, а проектот го координира фондацијата ТРАК во соработка со уште една партнерска организација од Босилеград ОПТИМИСТ.

– АРНО и ТРАК соработуваат изминатите осум години во рамки на еден регионален проект за зелени бизниси. Меѓутоа, сега ќе ги таргетираме овие региони, ќе пружиме знаења за граѓаните и ќе ги инспирираме да развиваат зелени бизниси коишто се вкоренети во заедниците. Значи, секакви различни примери коишто можат да носат приход за нашите граѓани од двете страни на границата, меѓутоа исто така ќе бидат добри и за природата и за општеството. Тоа е солидарната и зелената економија, нови трендови во економијата во светот, меѓутоа нешто што навистина го препознаваме како потенцијал на Балканот, додаде Јаневска.