Министерот за правда Јетон Шасивари и заменик-министерот за правда Ален Деребан одржаа работна средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, и со судиите-поротници, на која биле разгледани нивните барања и предизвиците со кои се соочуваат при извршувањето на функцијата.
Во фокусот на разговорите била висината на надоместоците за судиите-поротници, но и нивната улога во судскиот систем. На средбата било посочено дека нивното учество претставува важен дел од судската власт, бидејќи овозможува вклучување на граѓаните во судските постапки и придонесува за поголема транспарентност, правичност и доверба во судството.
Министерот за правда бил информиран дека во јуни 2026 година Судскиот совет доставил барање за измена на Правилникот за надоместоците на судиите-поротници од 2018 година. Со предлог-измените се бара зголемување на висината на надоместоците.
На средбата било нагласено и дека судовите се соочуваат со недостиг на судии-поротници, што создава дополнителен предизвик за непречено функционирање на судечките совети и навремено постапување по предметите.
Од Министерството за правда информираат дека ќе ги разгледаат доставените предлози и ќе продолжат со активности за изнаоѓање одржливи решенија, со цел ефикасно функционирање на судскиот систем и соодветно вреднување на улогата и придонесот на судиите-поротници во остварувањето на правдата и владеењето на правото.
