– Во сообраќајката беа повредени седум лица, двајца потешко, додека пет се со полесни повреди. Потешко повредени Ќ.К.(46) од Дебар и М.С.(21) од селото Новак, општина Центар Жупа, беа префрлени на понатамошен третман во специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, додека другите пет лица се под опсервација во хируршкото одделение при нашата болница. Сите се во стабилна здравствена состојба, што ни го потврдија и колегите од Охрид, рече Алили.
Сообраќајната несреќа се случи вчера попладне на улица „Вељко Влаховиќ“, на излезот од Дебар, на патот кон Струга, во близина на објектот на поранешната елекродистрибуција.
– Сообраќајната несреќа се случи помеѓу патничко моторно возило „Киа Соренто“ со дебарски регистарски ознаки, управувано од Н.Ј.(43) од селото Праленик, општина Центар Жупа и патничко моторно возило „Форд Фокус“ со дебарски регистарски ознаки, управувано од Ќ.К.(46) од Дебар. Притоа, со тешки телесни повреди се здобиле Ќ.К. и М.С.од селото Новак, општина Центар Жупа-сопатничка во возилото „Киа Соренто“, констатирани во Општата болница со проширена дејност во Дебар, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Со телесни повреди се здобиле Н.Ј. и сопатниците З.Ј.(48) и С.Ј.(27) од село Праленик-општина Центар Жупа, како и две малолетни лица од Дебар на возраст од 14 години, сопатници во возилото „Форд Фокус“.