Втор протест на сиундикатите на вработените во културните институции се одржа пред Министерството за финансии, пренесува Нина Стефанова за Телма.

„Со плата од 25.000 денари која ја земаат во просек 70% од вработените во секторот култура месецот не може да се преживее. Затоа бараме потпишување на колективен договор и зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии. Нагласуваме дека постоечкиот општ колективен договор не го ограничува правото и сега да се склучи поединечен договор на ниво на работодавец“ – изјави Бранко Костовски претседател на синдикалната организација при Министерството за култура.

Не може едно министерство да има додатоци за плата, друго да нема, работата е иста согласно Закон за административни службеници и ова е класичен пример за дискриминација што го направи министерот за финансии, вели првиот човек на УПОЗ, Деановски

„Траат преговорите и со Владата за општиот колективен договор како што кажа Министерство за финансии во петокот дека тоа ќе се реши во Општиот колективен договор. Нема да се реши, бидејќи Владата во општиот колективен договор нема да ги предвиди оние зголемувања, односно оние пари што ги бараме ние, тука трите синдикални организации, туку во тој општ колективен договор Владата сака да даде 2175 денари на работници од јавниот сектор кај што не се предвидени со закон за административни службеници“- оцени Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Министерство за финансии излезе со став дека се работи на изнаоѓање на одржливо, системско решение за плати, кое ќе се однесува на целиот јавен сектор.

„Веќе Законот за плати во јавниот сектор е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа, а исто така е формирана и работна група која работи на текстот на новиот општ колективен договор за вработените во јавниот сектор. Тоа се насоките за решавање на прашањето со платите на вработените во јавниот сектор, по примерот со минималната плата и пензиите, што беа дефинирани минатата година. Како и за другите прашања, така и за ова ќе се најде оптималното решение преку трипартитниот дијалог во рамки на Економско социјалниот совет“ – соопшти Министерството за финансии.

Владата да не дозволи нерамноправен третман на вработените во јавниот сектор. Доколку имиџот на една држава се гради и преку културата луѓето кои ги администрираат сите потреби во неа заслужуваат достоинствен третман му порачаа на министерот Бесими синдикалните организации на вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културно наследство и Агенцијата за филм. Тие и на овој протест побараа средба со министерот, но безуспешно.

Синдикалните организации на вработени во културни институции велат дека ќе протестираат секој ден додека не биде решено нивното барање. Следниот протест го закажа за утре напладне пред Владата.