Неколку скијачки центри изминатиот викенд ги пуштиа своите лифтови, како што се Cervinia и Cortina d’Ampezzo, но сезоната навистина започна вчера во целиот алпски ланец, јавуваат италијанските медиуми.

– Ова ќе биде година на продолжување на скијањето по затворањето поради пандемијата, која особено го погоди овој сектор, кој воопшто не функционираше зимата 2021 година или претходната 2019/2020 година, рече Валерија Геци, претседател на Националната асоцијација на оператори на жичарници.

Во Италија се воведуваат нови мерки, па во пресрет на големите набавки пред Божиќ, се повеќе италијански градови воведуваат задолжително носење маски во центрите на градовите. Новиот градоначалник на Рим, Роберто Гуалтиери, ја потпиша наредбата во средата, а според таа наредба, од оваа сабота, па се до 31 декември, луѓето ќе мора да носат маски во големи делови од центарот на градот, дури и на отворено.

Меѓу другото, новите мерки ги зафатија популарните туристички места во Рим на Шпанскиoт плоштад и познатата шопинг улица Виа дел Корсо.

На северот на Италија, во метрополите Милано, Бергамо и Болоња веќе се воведени слични мерки.

Исто така, во главниот град на Пиемонт, Торино, градоначалникот Стефано Ло Русо потпиша одлука со која ги обврзува луѓето да носат маски за лице цел ден во некои делови од центарот на градот, додека во некои делови не мора да ги носат од вечер до следното утро.

Во Италија, здравствените експерти постојано ја нагласуваат важноста од носење маски за заштита од коронавирусот.

Од утре стапува во сила новата владина мерка со која се воведува таканареченото „супер грин пас“ (зелен сертификат за вакцинација), а мерката ќе биде на сила до 15 јануари, пишува агенцијата Анса.

„Супер грин пас“ значи дека пристап до јавни настани и места како што се барови, ресторани, концерти, спортски сали итн. ќе имаат само лица вакцинирани против Ковид19 или прележани.

МВР издаде наредба за засилена контрола на почитување на мерките што ќе ги спроведува полицијата, вклучително и јавниот превоз, кој од утре ќе може да го користат само вакцинирани или оние со негативен тест за инфекцијата.

Специјалното полициско одделение на НАС контролираше здравствени установи низ Италија и по тој повод беа откриени 281 здравствен работник кои не биле имунизирани, а меѓу нив и повеќе од стотина на кои веќе им било забрането да работат со пациенти, но продолжиле да работат. Тие ќе бидат суспендирани.

И покрај сите претходни мерки и кампањи за вакцинација, во Италија сè уште има 6 милиони луѓе кои не се имунизирани. Со воведување „супер зелен сертификат“ за ваквите лица ќе се ограничат активностите и движењата.

Според последните податоци на здравствените власти во Италија, потврдени се 9 случаи на новиот вид на ковид-19, Омикрон, а сите пациенти се во северните провинции.