Осум пожарникари од ТППЕ Струмица ќе заминат во спасувачка мисија во подрачјето погодено од силниот земјотрес во Турција. Тие ќе бидат во состав на тимот за пребарување и спасување од урнатини (USAR тим), кој е во состав на Републичките сили за заштита и спасување при Владата на Република Северна Македонија.

Ова го соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека спасувачите ќе им помогнат на настраданите во земјотресот.

-Нашите пожарникари се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од земјотресот во Албанија, напиша Костадинов.

Додава дека таквите катастрофи само укажуваат на фактот колку е немоќно човештвото пред моќта на природата и нејзините законитости.

-Но, во исто време, таквите случувања даваат до знаење колку треба да бидеме хумани и одговорни пред големите предизвици, да бидеме луѓе за луѓето, посочува струмичкиот градоначалник.

Тој на сите граѓани од Турција и Сирија, особено на оние од погодените подрачја од земјотресот, им изрази најдлабоко сочувство за големите човечки и материјални загуби.