До 7:30 часот утрово на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор. Од нив, еден пожар е активен, два се ставени под контрола, додека 20 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активен останува пожарот кај Стојанова Населба во селото Грешница, Општина Македонски Брод, каде што огнот зафатил ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.
Под контрола се ставени пожарот на депонијата во Делчево, како и пожарот во гостиварското село Паталишта, каде што гореле ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Според информациите на ЦУК, изгаснати се вкупно 20 пожари на отворен простор.
Пожарите се изгаснати во Моноспитово во Општина Босилово, каде што горела ниска вегетација, во Севенендекли во Општина Валандово, каде што била зафатена мешана шума, како и меѓу селата Селимли и Стојаково во Општина Богданци, каде што горела дива депонија.
Изгаснати се и пожарите покрај автопатот Гостивар – Тетово, во Фалиште во Општина Желино, Теново во Општина Брвеница, како и на улицата „Перо Наков“ и во населбата Гоце Делчев во Општина Гази Баба.
Интервенции имало и во Дуброво во Општина Неготино, Кондово во Општина Сарај, Крупиште во Општина Карбинци, Караорман во Општина Штип и Уларци во Општина Чешиново-Облешево.
Огнот е изгаснат и кај Ново и Старо Коњарево во Општина Ново Село, во Блато, во атарот на Врбјани во Општина Кривогаштани, како и во Долна Белица во Општина Струга.
На листата на изгаснати пожари се и Ореовец во Општина Македонски Брод, Лопате во Општина Куманово, просторот меѓу Селце и Ларце во Тетовско и Бело Поле во Општина Долнени.
