Шумските пожари и натаму беснеат во повеќе делови на Турција, а најтешка е состојбата во округот Мугла, каде што поради силниот ветер беа евакуирани државна болница и жители на стотици куќи. Високите температури и неповолните временски услови продолжуваат да ја отежнуваат работата на противпожарните екипи, јави Анадолија.
Најкритично е во округот Мугла, на егејскиот брег, каде што пожарот што избувна вчера брзо се проширил под влијание на силниот ветер. Поради опасноста, била евакуирана државната болница во градот Сејдикемер, како и жителите од стотици домови, пренесува агенцијата ДХА.
Воздушни и копнени противпожарни екипи непрекинато интервенираат во подрачјата Јешилјузумлу и Сејдикемер, во близина на познатиот туристички центар Фетхие.
Од турското Министерство за земјоделство и шумарство соопштија дека поголемиот дел од пожарите низ земјата се ставени под контрола, додека активностите за догасување и разладување на теренот продолжуваат и од воздух и од земја.
Во близина на туристичкиот град Анталија сè уште има активни пожари во реоните Кумлуџа и Каш, иако, според надлежните, и тие во голема мера се ставени под контрола благодарение на брзата реакција на пожарникарите. Интервенциите продолжуваат и кај пожарот во реонот Сападере, во близина на летувалиштето Аланија.
Во регионот на Мраморното Море, во округот Баликесир, пожарите меѓу градовите Ѓомеч и Едремит наложија делумна евакуација како превентивна мерка. И на тоа подрачје огнот е ставен под контрола.
Пожарите во окрузите Чанаккале и Ајваџик, во близина на Дарданелите, се целосно или во најголем дел локализирани. Во меѓувреме, жариштата во реоните Кутахја и Јалова, во западниот дел на Турција, се речиси целосно изгаснати.
