Пожарите кај селата Рапеш и Говрлево сè уште се активни, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи заклучно со 18 часот. Од вкупно 11 пожари на отворен простор регистрирани денеска, еден е ставен под контрола, а осум се изгаснати.
Кај Рапеш, во Општина Новаци, гори ниска вегетација. Пожарот кај Говрлево, во Општина Сопиште, зафатил ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Под контрола е пожарот на потегот од селото Белица во Општина Македонски Брод кон месноста Јасен во Општина Сопиште, каде што биле зафатени нискостеблеста и мешана шума.
Изгаснати се пожарите кај Раовиќ во Општина Сарај, на улиците „Алпи“ и „Боро Менков“ во Општина Бутел, кај Мралино во Општина Илинден, меѓу Еднокуќево и Моноспитово во Општина Босилово, на улицата „Вера Циривири“ во Велес, како и кај селата Враништа и Мислешево во Струшко.
