Напредокот во реализацијата на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028 година, новите законски решенија за Судскиот совет и за Советот на јавните обвинители, како и промените за платите и судските постапки се меѓу позитивните резултати нотирани од Европската комисија во Извештајот за 2026 година, соопштија од Министерството за правда.
Од ресорното министерство наведуваат дека Европската комисија ја препознала посветеноста во усогласувањето на домашната законска и институционална рамка со европските правила и стандарди.
„Меѓу позначајните достигнувања се напредокот во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028, донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, кој во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија, како и донесувањето на новиот Закон за Советот на јавните обвинители“, се наведува во соопштението.
Како значајни реформски чекори во документот на Брисел се издвоени и донесувањето на законите за платите на судиите и јавните обвинители, како и новиот Закон за парничната постапка. Дополнително, нотиран е конкретен напредок во подготовката на Патоказот за владеење на правото и високата усогласеност на прописите за основните права со европските вредности.
„За Министерството за правда, овие оценки претставуваат потврда за постигнатите резултати, но и дополнителна обврска за продолжување на реформите“, се истакнува во соопштението.
Министерството најавува дека во претстојниот период фокусот ќе биде ставен врз практичната имплементација на донесените закони и доследното исполнување на препораките добиени од европските тела.
„Вистинскиот успех на реформите не се мери само преку донесените закони, туку и преку нивното влијание врз функционирањето на институциите и остварувањето на правата на граѓаните“, нагласуваат од Министерството за правда.
