Идентификувана е и четвртата жртва во страшната сообраќајна несреќа што ноќеска ја потресе македонската јавност, а се случи на скопската обиколница кај клучката Мирковци. Станува збор за 20-годишниот М.Ѓ. од Скопје, кој бил сопатник во автомобилот „БМВ“ заедно со Ристе Велков, неговиот син Адам Велков и уште едно 20-годишно момче.
Трагедијата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога товарно возило „ман“ со косовски регистарски ознаки, управувано од 76-годишен возач, изгубило контрола, ја пробило заштитната ограда и преминало на спротивната страна од автопатот. Таму директно удрило во патничкото возило „БМВ“ со скопски таблички.
Од силината на ударот избувнал голем пожар, при што целосно изгореле автомобилот и кабината на камионот. На местото интервенирала Бригадата за противпожарна заштита Скопје, но за четворицата млади луѓе во автомобилот немало спас. Смртта била констатирана на самото место.
Според информации објавени од Скопје1, камионот пред судирот пробил две заштитни огради, откорнал столбови од уличното осветлување и завршил во провалија. И покрај тоа што кабината целосно изгорела, возачот успеал навреме да излезе од возилото.
Возачот е приведен и задржан во полициска станица, а по наредба на јавен обвинител телата на загинатите се предадени на обдукција. Истрагата треба да ги утврди точните причини за несреќата што однесе четири човечки животи.
Поради увидот, сообраќајот на овој дел од скопската обиколница бил во прекин неколку часа. Трагедијата повторно ја отвори дебатата за безбедноста на обиколницата, тешкиот товарен сообраќај и контролата на движењето на камионите во ноќните часови.
