Австриската полиција соопшти дека за време на сослушувањето тој не покажал знаци на каење и рекол дека сакал „да ги убие неверниците во Виена“. Тој веќе бил радикализиран, рекоа на прес-конференција во Виена и открија дека терористите имале конкретен план за нападот и дека нападот требало да се случи или денеска или утре, пишува МКД.мк.
Во куќата на Беран А. биле најдени мачети, ножеви, детонатори, кабли за палање, 21 илјада фалсификувани евра.
„Деветнаесетгодишникот сакаше да предизвика крвопролевање пред стадионот со ножеви, мачети и со автомобил на крајот да се разнесе. Бил во контакт со двајца осомничени помагачи, од кои едниот работел на обезбедување на концертот“, се вели во соопштението на австриската полиција.
„Кукавичкиот план на терористите бил да убијат што повеќе луѓе надвор од стадионот, кои сакале да го слушаат концертот“, велат од австриската полиција и додаваат дека еден од тројцата приведени имал хрватски корени, но е роден во Австрија. Меѓу нив е и 15-годишен Австриец со турско потекло.
Три концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и задутре во Виена се откажани поради планираниот терористички напад на стадионот Ернст Хапел во Виена. Истрагата за планираните напади е во тек.
Австриската полиција од македонското МВР побарала дополнителни информации за Беран А. и неговото семејство.