Од пратеничката група тврдат дека пратениците на владејачкото мнозинство се оние кои ја опструираат работата на комисиите преку цензура на пратениците од опозицијата.
– Оттука, сакаме да нагласиме дека нашата намера беше на Комисијата за труд и социјална политика најпрво да се дискутира за вистината и да се утврди одговорноста за катастрофата која што се случи во болницата во Тетово. Таа е темата за која што треба да дискутираме. Очигледно, тоа некому му пречи. Очигледно, некому вистината го боли. Провиден е обидот на СДСМ да ја заташка оваа трагедија со законски решенија кои што токму СДСМ целиот мандат ги збори, а ништо не прави.
Доколку имаа искрена намера, тоа ќе го стореа многу порано, а не на 5 дена пред почеток на кампања, стои во реакцијата.
– Колку се неспособни покажува фактот дека токму сега, на 20 дена пред избори, законот за работни односи не е донесен иако досега имаа безброј можности, но тие мнозинството од 61 пратеник си го користеа за Закон за марихуана односно за законите на фамилијата Заеви и нивните бизнис интереси. Македонската јавност гледа дека четири години владејачкото мнозинство не е ништо друго освен гласачка машина на СДСМ и Зоран Заев. Ништо друго не ги интересира. Ниту граѓаните и нивните секојдневни проблеми, ниту лошата економска состојба во државата, ниту пак катастрофалното здравство. Едноставно што ги интересира се тендерите, провизиите и бизнис зделките. Од тие причини, сакаме да упатиме порака дека срамно и лицемерно е СДСМ да се повикува на маките и барањата на работниците, а од друга страна четири години да ги лаже, манипулира и замајува. Господа од СДСМ, имавте доволно време, имавте цели четири години да покажете на работниците, но и на сите останати граѓани дека навистина се грижите и работите за нивните интереси, но вие го докажавте токму спротивното. Заврши времето на лаги и манипулации. Дојде време народот да одговори и да каже што мисли за СДСМ, велат пратениците од опозицијата.