Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесе иницијатива до Собранието за формирање на анкетна комисија за разгледување на состојбите во енергетскиот сектор, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Тони Јаревски од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Формирањето на анкетната комисија го бараме со цел да се види што е превземено односно што не е превземено во изминатиот период за спречување на енергетската криза која што зема се поголем замав. Сите сме сведоци како државите од цела Европа се подготвуваат за престојната зима која што според најавите ќе биде катастрофални ефекти врз секојдневието на граѓаните и условите за работа на компаниите. Цехот за овој несериозен однос на нашите власти повторно ќе го платаат граѓаните на Македонија бидејќи нема нови антикризни мерки кои би ја ублажиле кризата. Повторно прогласување на нова енергетска кризна состојба како и досегашните ќе бидат или со мал или без никаков ефект за подобрување на животниот стандарт на граѓаните. Владата и оваа кризна состојба ќе ја искористи за делење на тендери во четири очи на новоформираните фирми за ископ и транспорт на јаглен блиски до власта, вели Јаревски.

Тој додава дека наша обврска како пратеници е да вршиме надзор врз работата односно неработата на Владата, да провериме каде и како до сега се потрошени парите за ублажување на енергетската кризна состојба и како и каде се планираат да се потрошат парите за евентуално нова енергетска кризна состојба која ја најави власта.

-Анкетната комисија што ја бараме да се формира во Собранието на Република Македонија, ќе има за цел да донесе заклучоци за досегашното фукционирање на власта во овој сектор и да предложи заклучоци кои ќе треба да бидат патоказ за мерките и активностите кои Владата ќе ги превзема во иднина. Ги повикуваме сите колеги пратеници во Собранието да го поддржат нашиот предлог за формирање на комисијата бидејќи наша обврска е да се грижиме за интересите на граѓаните и да обезбедиме подобри услови за живот, вели Јаревски.