Порториканката Џенифер Барето испиша историја на изборот за „Мис Универзум“, станувајќи првата мајка што ја освоила титулата по укинувањето на забраната за учество на мажени жени и мајки.
Таа успеа да ја понесе светската круна откако раководството на манифестацијата пред три години ги смени строгите правила и им овозможи на сите жени рамноправно да се натпреваруваат за глобалното признание за убавина.
Овогодишното, 75. издание на престижниот настан се одржа во градот Сан Хуан, во Порторико. Спектакуларната завршница беше организирана во арената „Колисео де Пуерто Рико Хозе Мигел Агрелот“, популарно позната како „Ел Колисео“, со капацитет од околу 18.500 седишта.
Дваесет и седумгодишната Барето, која работи како психолог и социјален работник, го претставуваше својот роден Порторико пред домашната публика и меѓународното жири.
Покрај победата на глобалниот натпревар, таа претходно стана и првата мажена жена со дете која успеала да триумфира на националниот избор во својата татковина.
