Според календарот на Македонската православна црква, односно според Јулијанскиот календар, денеска се одбележува споменот на Светиот апостол и евангелист Матеј. Овој значаен христијански празник се чествува со молитвено сеќавање на неговото дело и мисија.

Матеј бил син на Алфеј и најпрво работел како цариник, односно собирач на данок или митар. Како таков, него го забележал Господ во Капернаум и го повикал со зборовите: „Врви по Мене.“ Откако станал, тој веднаш тргнал по Него.

Потоа Матеј му приредил дочек на Господ во својот дом, што дало повод да бидат изречени неколку значајни вистини за Христовото доаѓање на земјата. Набрзо бил вброен меѓу дванаесетте апостоли. Откако го примил Светиот Дух, свети Матеј го проповедал Евангелието во Партија, во Мидија и во Етиопија. Во Етиопија го поставил за епископ својот следбеник Платон, а самиот се повлекол во молитвена самотија во гората каде што му се јавил Господ. Откако ги крстил жената и синот на кнезот на таа земја, кнезот се разгневил и испратил стража да го доведат на суд. Војниците се вратиле велејќи дека го слушнале гласот, но не можеле да го видат светиот апостол. Втората испратена стража била заслепена од силна небесна светлина, по што војниците го фрлиле оружјето и се вратиле. Кога кнезот лично отишол кај него, заслепил од силниот блесок, но свети Матеј се помолил и кнезот прогледал телесно, но не и духовно. Потоа кнезот го подложил свети Матеј на маки и двапати ложел оган на неговите гради, но силата Господова го сочувала жив и неповреден.

По мачењето, апостолот се помолил на Бога и му го предал својот дух. Кнезот наредил неговото тело да биде положено во оловен ковчег и фрлено во морето. Сепак, светителот му се јавил на епископот Платон и му открил каде се наоѓаат сандакот и телото, по што епископот отишол и го извлекол ковчегот. Гледајќи го ова ново чудо, кнезот се крстил и го зел името Матеј, ја напуштил светската суета, примил презвитерски чин и богоугодно ѝ служел на Црквата. По смртта на Платон, апостолот му се јавил и го посоветувал да го прими епископскиот чин, па тој долги години бил добар духовен пастир сè додека Господ не го повикал во вечноста. Светиот апостол Матеј го напишал своето Евангелие на еврејски јазик, кое подоцна било преведено на грчки јазик, додека оригиналот на еврејски се изгубил. За овој евангелист е познато дека никогаш не јадел месо и се хранел исклучиво со овошје и зеленчук.