Поддршка за Украина од европските сојузници
Поддршка за Украина и координацијата со САД околу можен мировен процес беа во фокусот на ноќешната видео средба што украинскиот претседател Володомир Зеленски ја одржа со претставници на речиси десетици европски земји, Канада, Европската комисија и НАТО, непосредно пред неговата денешна средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида, јави ДПА.
Од германската Влада соопштија дека учесниците на состанокот му изразиле на Зеленски „целосна поддршка и ја нагласиле својата посветеност на тесна соработка со САД за постигнување одржлив и праведен мир во Украина“. Според портпаролот, телефонската конференција била свикана од германскиот канцелар Фридрих Мерц, на барање на Зеленски, пренесе германската агенција.
Од Елисејската палата информираа дека францускиот претседател Емануел Макрон на средбата порачал дека Европејците мора целосно да бидат вклучени во сите дискусии што ги засегаат. Во таа насока, Макрон најавил дека во јануари во Париз ќе биде домаќин на уште еден состанок на „Коалицијата на подготвените“, група земји кои ветија силна поддршка за Киев.
На видео повикот учествувала и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која на X напиша дека сите активности се насочени кон „нашата заедничка цел – праведен и траен мир што ќе го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, пренесува ДПА.
Зеленски се сретна и со канадскиот премиер Марк Карни
Развојот на настаните внимателно го следи и Европа, особено во пресрет на средбата меѓу Зеленски и Трамп. Украинскиот претседател претходно вчера се сретна и со канадскиот премиер Марк Карни во Халифакс.
Белата куќа доцна синоќа соопшти дека билатералната средба меѓу Зеленски и Трамп во Мар-а-Лаго ќе започне во 13 часот по локално време (18:00 часот по Гринич), што е два часа порано од првично најавеното. Причина за промената на терминот не беше соопштена.
Зеленски вчера најави дека на разговорите јасно ќе стави до знаење дека Киев нема да прифати капитулација ниту мировно решение наметнато од Москва. „Секако, постојат црвени линии за Украина и украинскиот народ“, изјави тој во објава на социјалните мрежи пред состанокот.
Тој повторно ги отфрли барањата на Русија – кои, според него, биле покренати и од Трамп – Украина да отстапи територии што во моментов не се под руска контрола. Притоа нагласи дека Киев сепак понудил „компромисни предлози“ во врска со нерешените територијални прашања.
Зеленски додаде дека планира со Трамп да разговара за рамката од 20 точки за можен мировен план, која ја претстави претходно оваа недела, при што безбедносните гаранции, како што рече, ќе бидат клучен елемент на секој евентуален прекин на огнот, со цел да се спречат обновени руски напади врз Украина.
