Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно, и предложи да се проследи на натамошна постапка во Собранието.

-Станува збор за преодно решение за продолжување на исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега со траење до март 2023 година. Предвидува сите студенти кои и досега земале и ги исполнуваат условите со сегашното решение да продолжат да земаат 120 денари за студентски оброк до 15 март 2023 година, а потоа да се изгласа ново решение во договор на работната група, рече Жаклина Лазаревска од СДСМ во образложението на предложеното законско решение и додаде дека тоа произлезе од средбата со претставниците на студентските сојузи во Собранието.

Студентите, како што беше посочено, треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.

Во текот на расправата не беа прифатени два амандмани – првиот поднесен од опозицијата, а вториот од пратеникот Павле Трајанов од ДС, со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.

Од опозицијата обвинија дека со новото законско решение се изигруваат студентите со кои на средбите во Собранието било договорено, како што кажаа, субвенционираниот студентски оброк да биде 140 денари. Порачаа дека нивното амандманско решение претставува барање на студентите и оти тоа претставува само вклучување на инфлацијата од 30 отсто која ја има во прехранбениот сектор во сумата која и досега се исплаќаше. Додадоа дека доколку на сите студенти во државата им се исплаќа студентски оброк по 160 денари, тоа би чинело 130.000 евра месечно или 1,3 милиони евра за студентска година. Според пратениците од опозицијата, пари за тоа има, но како што истакнаа, треба да се скратат од непродуктивните трошења во министерствата.

Павле Трајанов од ДС рече дека можеби ќе беше добро да се поканат претставници на студентите на денешната расправа на комисијата.

-Да беа тука ќе имавме јасна слика што е усогласено со нив дали е со дел од нив или со сите, рече Трајанов и им порача на студентите да бидат единствени и да не потпаѓаат под влијание на партиите.

Нагласи дека ги поддржува барањата на студентите кои, како што рече, се скромни. Побара да се изгради консензус и да се вгради инфлацијата во надоместокот за студентскиот оброк.

-Откога видов дека не поминува првиот амандман со кој исто се бара да се зголеми сумата од 120 на 160 денари, одлучив да го повлечам мојот амандман, порача Трајанов.