Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на изјавата на претседателот на Бугарија, 11 јули е најраниот можен датум за предвремени избори, откако ќе се распушти сегашното 45. Национално собрание.
Сепак, веќе има реакции против датумот, така што генералниот директор на Бугарската национална телевизија Емил Кошлуков побара друг датум за нивно одржување, затоа што тогаш ќе се одржи финалето на Европското првенство во фудбал, а медиумите имаа договори со спонзорите за емитување реклами.
Румен Радев го посети селото Радилово, во близина на градот Пештера, каде исто така коментираше дека привремениот премиер, кој ќе раководи со Бугарија до предвремените избори, ќе биде маж.
Бугарскиот претседател најави дека не може да го распушти бугарскиот Парламент пред 11 мај, бидејќи треба да се запази Уставот и да се обезбедат не повеќе од два месеца до изборите.
– Ако го распуштиме Националното собрание во петок или понеделник, како што се настојува, тоа значи дека изборите ќе се одржат на 4 јули, рече бугарскиот претседател Радев.
Според него, Централната изборна комисија не може да подготви избори за 4 јули, бидејќи нема да има доволно време.