Уставниот суд утврди неуставност и донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор во целина. Одлуката ќе стапи во сила од 1 април 2027 година, до кога социјалните партнери треба да подготват нов и законски издржан Колективен договор за вработените во секторот.

Седат Сулејмани, по повод укинувањето на овие одредби, најави дека веднаш ќе ги повика на средба претставниците на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и на СОНК. Целта на состанокот е да се интензивира социјалниот дијалог и заеднички да се изнајде прифатливо и одржливо решение за регулирање на статусот и правата на културните работници и уметниците.

Сулејмани смета дека трудот, професионалниот ангажман и придонесот на вработените во културата мора соодветно да се вреднуваат и дека во наредниот процес нивните интереси мора да бидат законски заштитени.

Министерството за култура и туризам планира со засилен интензитет да ги продолжи преговорите со синдикатите, со цел да се утврди најсоодветниот модел и да се склучи нов договор во рамките на зададениот рок од Уставниот суд.

„Заложбата на Министерството за култура и туризам е преку отворен дијалог, партнерски однос и конструктивна соработка да се дојде до заедничко прифатливо решение што ќе обезбеди правна сигурност, заштита на правата и соодветно вреднување на трудот на сите културни работници и уметници“, соопштија од ресорното министерство.

Според ставот на уставните судии, во Колективниот договор и во Законот за култура не постои прецизна методологија за пресметка на платите. Оваа основа мора првично да биде дефинирана во самиот закон, за потоа да се разработи и детализира во рамките на колективниот договор.

Во претстојниот период од пет месеци социјалните партнери треба да ги усогласат позициите за склучување нов Колективен договор, додека Собранието има задача да ги усвои соодветните измени и дополнувања на Законот за култура.