Вашингтон тврди дека Израелците соработуваат и дека е на Хамас да донесе одлука за тоа – дали е подготвен да се вклучи во договорот.
„САД и Израел разговараа за напорите да се постигне договор за шестнеделен прекин на огнот. Како што рече Блинкен-имаме можност, но на Хамас е да одлучи дали е подготвен да се согласи со тоа“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
Израел бара Хамас да достави список со заложници потврдувајќи дека се живи и дека можат да го исполнат договореното. Хамас, пак не отстапува од барањето за траен прекин на огнот.
„Безбедноста и заштитата на нашиот народ нема да се постигнат освен со траен прекин на огнот. Мислам дека е политичка фарса сад да го поддржи Израел да престане да убива неколку недели, а потоа да продолжи. Тоа потврдува дека не се стремат да постигнат стабилност во регионот“, изјави Осама Хамдан – претставник на Хамас
Катар предупредува од ескалација на конфликтот.
„Ситуацијата е без преседан и станува многу загрижувачка за сите нас. Се надеваме дека денес ќе можеме подетално да разговараме за развојот и пошироката слика со надеж дека ќе постигнеме праведно решение и за палестинскиот народ да добие своја држава“, изјави Мохамед Бин Абдулрахман Ал тани – премиер на Катар.
Додека светот е во страв и исчекување од можните сценарија за време на рамазан, израелскиот премиер Нетанјаху уверува дека ќе обезбеди слобода на вероисповед на муслиманите за време на празнувањето.
„Политиката на Израел отсекогаш била и ќе биде да ја одржува слободата на богослужба за сите религии. Така ќе постапиме и за време на рамазан. Ќе сториме сè за да ја зачуваме слободата на богослужба на ридот на храмот, а притоа соодветно да ја одржиме безбедноста“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Во Појасот, ситуацијата станува очајна. Хуманитарната помош е повеќе од неопходна. СЗО алармира за катастрофата на северот каде што децата умираат од глад, а болниците се преполни. Помош се доставува од воздух во неможност да се пристапи безбедно на теренот.
Извор: МРТ