Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека за време на неодамнешната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Кина директно разговарал за итно запирање на руските воени дејствија на европскиот континент. Тој изрази уверување и надеж дека Москва и Киев наскоро можат да дојдат до заеднички мировен договор.
Трамп ова го објави на својата социјална мрежа „Truth Social“, потенцирајќи дека клучен сегмент од разговорот со рускиот лидер бил посветен токму на ова геополитичко прашање.
„За време на мојот разговор во Кина со рускиот претседател Владимир Путин посветив многу време разговарајќи за тоа како би сакал претседателот Путин да ја прекине секоја воена агресија врз териториите во Европа, со надеж дека Русија и Украина можат да постигнат договор – и тоа бргу“, напиша Трамп.
Според неговата оценка, на теренот се отвора значајна можност за финализирање на мировен договор меѓу двете страни, иако во објавата не се прецизира дали од страна на Путин биле дадени конкретни ветувања за прекин на воените операции.
„Илјадници луѓе умираат секој месец, целосен масакр, а постигнувањето на ова би било голема заслуга за сите вклучени!“, наведе Трамп.
Трамп посочи дека за содржината на средбата со Путин веќе детално го информирал и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на нивната синоќешна средба одржана во резиденцијата Мар-а-Лаго.
Јавната реакција на Трамп следи по серијата неодамнешни воздушни инциденти во кои руски ракети и беспилотни летала го повредија полскиот воздушен простор при извршување напади врз цели во Украина.
