Од обвинителството соопштија дека „извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од Ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот“.

„Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување напожарот. Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, изјавија од обвинителството.

Како што дознава А1он, претходно на родителите им било дозволено да го земат телото на својата ќерка и им било кажано дека можат да ја погребаат, со оглед на тоа што починала пред настанувањето на пожарот.

Погребот бил организиран, а телото било однесено во црква. Во меѓувреме, обвинителството решило да ја додаде во предметот и побарало нејзина обдукција, па така на сред погреб, нејзиното тело било одземено и однесено во Институтот за судска медицина, каде што било утврдено дека пожарот не бил причина за нејзината смрт.

Во пожарот во ковид центарот во Тетово сега веќе се 15 жртви. Во моментот на несреќата во просториите имало вкупно 26 лица.

Истрагата сѐ уште трае, а обвинителката за борба против организиран криминал и корупција Вилма Русковска ја побара целокупната документација од изградбата на модуларните болници.