Сирени и страв во северен Израел
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека биле идентификувани нови ракети испукани од територијата на Иран кон Израел, и тоа откако веќе беше прогласен прекин на огнот меѓу двете држави.
- „Одбранбените системи моментално работат на пресретнување на заканата“, објави израелската армија, информирајќи дека сирените за воздушен напад биле активирани во северниот дел од земјата.
Неколку часа подоцна, ИДФ соопшти дека граѓаните кои се засолниле поради алармот може повторно безбедно да ги напуштат скривниците. Според медиумите од Израел, „најмалку една ракета била истрелана од Иран кон израелска територија по воспоставувањето на примирјето“.
ТРАМП ШТОТУКУ ОБЈАВИ: Израел и Иран постигнаа договор за прекин на огнот
Службата за итни случаи „Маген Дејвид Адом“ информираше дека немало повици за сериозно повредени, освен еден човек кој се здобил со полесна повреда додека бегал кон засолниште.
Израелски одговор: „Наредив напад врз Техеран“
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац јавно потврди дека ја активирал воената команда за нов напад врз иранската престолнина.
„Наредив на ИДФ силно да одговори на кршењето на примирјето од страна на Иран со интензивни напади врз режимски цели во центарот на Техеран“, стои во соопштението на министерот Кац.
Според него, Иран директно го нарушил договорениот прекин на огнот, па одговорот, како што порача, ќе биде „силен и прецизен“.
Иран ги негира обвинувањата
Од друга страна, иранските државни медиуми објавија демант на ваквите тврдења. Техеран категорично ги отфрли наводите на Израел, дека испукал ракета откако стапил на сила прекинот на огнот.
Оваа реакција доаѓа како одговор на обвинувањата изнесени од министерот Кац. Тој најави остар одговор од страна на Израел поради, како што рече, „иранска провокација“ веднаш по примирјето.