Пратеникот Љупчо Пренџов во гостување на телевизија се осврна на актуелната состојба со локалните избори во Брвеница. Тој посочи дека нивниот кандидат Стојанчо Радичевски убедливо води по првиот изборен круг.

Пренџов нагласи дека во вториот изборен круг граѓаните имаат избор помеѓу кандидат кој е вистински посветен на локалниот развој и кандидат кој служи исклучиво за партиски цели на раководството на ДУИ.

„Моментално има двајца кандидати во Брвеница коишто продолжуваат во вториот круг. Првиот е човек којшто е од Брвеница и за Брвеница. Човек којшто смета дека Брвеница треба да има проект повеќе, треба да има сѐ она што значи градинки, училишта, канализација и подобар живот на сите коишто живеат во Брвеница, независно од верската и националната припадност“, истакна Пренџов.

Според неговите тврдења, кандидатот на ДУИ претставува само обична политичка алатка на партискиот лидер со цел да обезбеди сопствено враќање на сцената, но изрази убедување дека гласачите ја препознаваат разликата.

„И вториот е кандидат односно ‘асет’ на Али Ахмети и на ДУИ, човек којшто е таму само за да помогне веќе излезениот од игра Али Ахмети да се врати повторно на политичката сцена. И мислам дека на граѓаните им е јасно, независно дали се Албанци дали се Македонци, дали се гласачи на СДСМ или не се, дека господинот Радичевски е оној којшто се бори за Брвеница да биде подобро место за живеење, и тоа е суштината зошто препознаа дека нему треба да му ја дадат довербата“, вели Пренџов.

Во однос на изборните калкулации и проценки што се појавуваат во јавноста, пратеникот истакна дека фокусот не треба да биде на политичките математики, туку на конкретниот напредок на општината.

„Не сметам дека е успех за којшто треба некој да добие аплауз, затоа што ако во Скопје сте биле петта партија, во Брвеница сте четврта политичка партија. Мислам дека тоа не е некој успех за СДСМ, но тие си знаат. Мислам дека во Брвеница разговараме како Брвеница да оди напред, како да продолжи да се развива, а единствениот кандидат е господинот Радичевски наспроти асетот на Али Ахмети и на ДУИ. Нему не му е до Брвеница, нему му е до високата политика, како шефот Али Ахмети повторно да го врати во игра на македонската политичка сцена“, рече Пренџов.

На крајот, пратеникот упати повик до сите жители на општината да застанат зад нивниот кандидат со цел да се обезбеди континуитет во развојот и реализацијата на проектите.

„Клучната работа за изборите е сите оние коишто ѝ мислат добро на Брвеница, пред сѐ оние што живеат во Брвеница, независно од етничката припадност, полот, верската припадност, да застанат позади господинот Радичевски, со цел Брвеница да продолжи да се развива. Али Ахмети е еден ретрограден политичар, еден човек којшто доколку не нѐ скара помеѓу себе граѓани на основи коишто се одамна надминати, тој нема што да каже во политиката“, порача Пренџов.