Премиерот Мицкоски Новата година ја дочека на плоштадот со граѓаните

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, синоќа заедно со граѓаните ја дочека Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во празнична атмосфера исполнета со музика, радост и голем број посетители.

Премиерот на социјалните мрежи објави порака со која им посака здравје, разбирање и успеси на сите граѓани, нагласувајќи ја важноста од заедништво и позитивна енергија во новата година.

„Заедно со нашиот народ на плоштадот Македонија да ја дочекаме Новата година. Да посакам добро здравје, разбирање и успеси за секој еден човек на нашата Македонија. Среќна Нова година!“, напиша Мицкоски.

На дочекот на плоштадот, премиерот беше во друштво на шефот на Кабинетот, Владимир Нелоски, како и на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски. Тие заедно со илјадници граѓани ја прославија новогодишната ноќ, испраќајќи порака на оптимизам и надеж за годината што следува.